Крушево
активности & уживање

 

На падините на Бушева планина, заобиколен од густата корија, на 1250m надморска височина распослан со сета своја убавина, како во орлово гнездо се наоѓа еден од најстарите, а воедно и највисок град на Балканот. Нашето Крушево.

Мешавината на двата народи, македонскиот и влашкиот прави одлична симбиоза создавајќи ја крушевската куќа. Несомнено тоа се прави архитектонски чуда.

Легедната вели дека и прочуениот Ле Корбизје бил воодушевен од преубавите градби со елегантна линија и украсни детали на фасадите.

Градот ги пречекува гостите во секое време од годината.


 
 

Зимска бајка

Крушево се гордее со својот зимски туризам. Не секаде жичарницата тргнува од центарот на градот. Има патеки за алпско и нордиско скијање, како и за биатлон.

Крушево нуди одлични услови за почетници во скијањето и сноубордот. Несомнено Крушево во зима е права бајка.

Летно уживање

Овој планински рај е подеднаков и во лето. Идеално место за бегање од градските горештини.

Прошетките околу езерото до манастирот Св. Преобразение, месноста Мечкин Камен, споменикот Македониум, спомен куќата и галеријата со слики на Никола Мартиноски, Гумење и музејот на Тодор Проески, се само мал дел од местата кои морате да ги посетите.

Што е најважно ќе уживате во најубавата тишина и чистиот воздух.

 

Активности

Ако сте љубител на велосипедизмот, тогаш ви стојат на располагање долгите патеки за планински велосипедизам.

А ако сте љубител на адреналински спортови како параглајдерството, тогаш сте на вистинското место. Крушево достигнува ренесанса на тоа поле последнава деценија.
Впрочем котата на Мечкин Камен го мапира Крушево на светската карта во една од трите најдобри светски места за летање.

Затоа и сосем заслужено се одржуваат светски и европски првенства во параглајдерство и змајарство на кое учество земаат најдобрите светски пилоти.

 

Сите овие и слични настани го ставаат Крушево високо на туристичката карта, домашни и странски туристи уживаат во благодетите на оваа наша од Бога воздушна бања.

Градот на Питу, Карев, Мартиноски, Проески е спој на традиционалното и модерното, историјата и гордо исправената пред предизвици сегашност.